MKALEN
Почетна     Вести     Се одржа еко- манифестацијата „Децата и КХС во светот на екологијата“

Се одржа еко- манифестацијата „Децата и КХС во светот на екологијата“

Манифестацијата се одржа во Градскиот парк и во неа учествуваа ученици од училиштата и дечиња од градинките од сите скопски општини.

19.03.2018 - По повод „Деновите на пролетта и на екологијата“, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во соработка со Секторот за животна средина при Градот Скопје, денеска ја организираше еко-манифестацијата „Децата и КХС во светот на екологијата“.
 
Манифестацијата се одржа во Градскиот парк и во неа учествуваа ученици од училиштата и дечиња од градинките од сите скопски општини.
 
 ЈП „Комунална хигиена“ со години наназад организира еко-предавања во основните училишта и еко-работилници во градинките, а за потребите на манифестацијата „Децата и КХС во светот на екологијата“ секое училиште доби задача да изготви изработка од отпаден материјал и со неа да се натпреварува со другите училишта.
 
Во рамките на манифестацијата беа доделени наградите за трите најуспешни изработки од училиштата, така што првата награда ја понесе OУ „Лазо Ангеловски“ од општината Аеродром, втората награда – ОУ „Тефејуз“ од општината Чаир, додека третата награда ја освои ОУ „Кочо Рацин“ од општината Центар. Специјална награда за постојаниот придонес кон заштитата на животата средина му беше доделена на Центарот за лица со посебни потреби „Порака“.
 
Дечињата од градинките ја збогатија програмата  претставувајќи се со свои еколошки точки, додека секое училиште имаше учесници и во спортските игри што се одвиваа со едукаторите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
 
На еко-манифестацијата присуствуваа директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани, градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Лујза Винтон.
 
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани, во оваа прилика нагласи дека денешниот хепенинг претставува само уште еден од низата проекти на Претпријатието коишто се насочени кон едукацијата на најмладата популација како правилно да постапуваат со отпадот и да ја заштитат својата животна средина и кон нивното информирање за придобивките од селекцијата и рециклирањето на отпадот. Тој ја изрази својата лична заложба овој проект да прерасне во традиционален и да биде с? поуспешен секоја наредна година.

27.03.2018, 10:56 | 112 прегледи