Во текот на изминатите неколку седмици, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје реализираа акција за перење и дезинфекција на контејнерите за исфрлање на комуналниот отпад со зафатнина од 1,1 м3, поставени во општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и Кисела Вода.
За оваа цел, контејнерите се транспортираат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, каде што се врши нивно перење, дезинфекција и репарација, додека со помош на автоцистерни се изведува и комплетно перење на џебовите на нивните микролокации.
Покрај перењето и дезинфекцијата на контејнерите, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, во споменатите скопски општини изврши и замена на старите и дотраени садови со комплетно нови садови за исфрлање на отпадот.
„Во општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и Кисела Вода извршивме комплетно перење и дезинфекција на сите постоечки садови за исфрлање на отпадот со зафатнина од 1,1 м3, како и на нивните микролокации. Во рамките на акцијата, вкупно 207 дотраени контејнери на 38 локации беа заменети со нови садови. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, во претстојниот период планира да продолжи со овие активности во сите скопски општини, со цел да се подобри хигиената на садовите за исфрлање на отпадот, како и на самите микролокации и воедно да се избегне ширењето на непријатните миризби.“ - изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.
06.08.2018, 13:19 | 1750 прегледи