02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     Вести     ЗАПОЧНА МАСОВНАТА АКЦИЈА ЗА ГЕНЕРАЛНО ЧИСТЕЊЕ НА СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ

ЗАПОЧНА МАСОВНАТА АКЦИЈА ЗА ГЕНЕРАЛНО ЧИСТЕЊЕ НА СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ

Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена“-Скопје, во соработка со останатите градски претпријатија, денеска започнаа масовна дводневна акција за генерално чистење на сите скопски општини.

Во рамките на акцијата ќе се реализираат активности за миење на главните и на споредните улици со автоцистерни, рачно и машинско метење, како и отстранување на дивите депонии. ЈП Комунална хигиена“-Скопје во девет скопски општини ќе постави специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во коишто граѓаните ќе имаат можност да го одложат стариот мебел, како и отпадот од електричната и електронската опрема. Претпријатието на терен ќе реализира и едукативни разговори со граѓаните, со цел решавање на актуелните проблеми со неправилното одлагање на отпадот.

 ЈП Комунална хигиена“-Скопје“ со сите свои капацитети и ресурси се приклучува кон масовната акција за чистење на Градот Скопје. Би сакале да ја информираме јавноста дека само во текот на првите шест месеци од годинава, нашите екипи исчистија и транспортираа 4.674 кубни метри отпад од диви депонии, што претставува зголемување од дури 443 проценти во однос на истиот период минатата година. Затоа, и во оваа прилика ги потсетуваме граѓаните дека хигиената и чистотата на градот Скопје во голема мера зависи од нивните постапки и апелираме до жителите на нашиот град да го почитуваат  Законот за јавна чистота и својот отпад да не го одлагаат на јавни површини.“- изјави директорот на „ЈП Комунална хигиена“-Скопје“, Абдусамед Шабани.

 

26.07.2019, 13:22 | 525 прегледи