02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     Вести     ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА ПРОДОЛЖУВА НА НАЈВИСОКОТО НИВО ДА ГИ ОДРЖУВА ХИГИЕНАТА И ЧИСТОТАТА ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ

ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА ПРОДОЛЖУВА НА НАЈВИСОКОТО НИВО ДА ГИ ОДРЖУВА ХИГИЕНАТА И ЧИСТОТАТА ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ

Во пресрет на последните случувања и новонастанатата ситуација поврзана со пандемијата на вирусот Ковид-19, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје  спроведуваат низа вонредни акции со цел хигиената и чистотата на јавните површини да се подигне на највисокото можно ниво, обемот на активностите е двојно зголемен, а подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад од над 5500 контејнери поставени на територијата на градот Скопје продолжува да се одвива секој ден во неделата.

Во текот на денешниот ден, раководството на Претпријатието одлучи да се солидаризира со работниците на терен и да им помогне во подигнувањето и  транспортот на приближно 500 тони комунален отпад, што секојдневно се собира од контејнерите и кантите во нашиот град.

„Ова се нашите херои, работниците што и во време на пандемија секој ден го собираат комуналниот отпад во градот Скопје. Би сакале да ја информираме јавноста дека согласно воведените мерки, ЈП Комунална хигиена-Скопје работи само првата смена, но ги вложуваме сите напори да се одржи континуитетот во подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад, односно сите надземни и подземни контејнери да бидат испразнети еднаш во текот на денот. Додека траат посебните мерки, приморани сме да ја редуцираме динамиката на собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад од над 84 000 канти во индивидуалните домаќинства што во претстојниот период ќе се одвива еднаш во неделата и апелираме граѓаните да имаат разбирање за овие одлуки.“ – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно спроведува машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на поголемите булевари и улици во сите скопски општини, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје, како плоштадот Македонија, Камениот мост, мостот Гоце Делчев, улицата Македонија, плоштадот Филип Втори и Старата скопска чаршија. Постојано се дезинфицираат и сите постоечки садови за собирање на отпадот поставени на територијата на градот Скопје - подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации. Континуирано се расчистува и подигнува и отпадот од диви депонии, при што во изминативе три недели се расчистени над 500 м3 отпад од триесетина локации во сите скопски општини.

Во оваа насока Претпријатието апелира до граѓаните својот комунален отпад да го одлагаат уредно спакуван и исклучиво во поставените садови, а не во нивната околина или на други јавни површини, со цел да се спречи евентуалното создавање диви депонии. Употребените заштитни маски и ракавици, како и отпадот од лицата што се наоѓаат во самоизолација или во карантин, во  садовите треба се одлагаат спакувани во двојни кеси наполнети најмногу до две третини од нивниот капацитет, согласно препораките на МЖСПП.

09.04.2020, 12:03 | 897 прегледи