02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     Вести     ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ ПОДИГНА ИЛЈАДА ТОНИ КОМУНАЛЕН ОТПАД ВО ИЗМИНАТИТЕ 24 ЧАСА

ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ ПОДИГНА ИЛЈАДА ТОНИ КОМУНАЛЕН ОТПАД ВО ИЗМИНАТИТЕ 24 ЧАСА

Во текот на изминатите 24 часа, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје собраа и транспортираа приближно 1000 тони комунален отпад од подземните и надземните контејнери на територијата на градот Скопје. Контејнерите се празнеа во текот на целата ноќ, по што посебни екипи поминуваа да го отстранат и транспортираат отпадот што беше расфрлен во околината на садовите.

Изминатата недела, оперативата на ЈП Комунална хигиена-Скопје дејствуваше само во првата смена, но состојбата на терен покажа дека со активности во една смена не е возможно секојдневно да се подигне и транспортира отпадот од речиси 6000 контејнери поставени во сите скопски општини.

Од овие причини, ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува да го собира и транспортира комуналниот отпад во градот Скопје со вообичаената динамика - во три смени, секој ден во неделата, а со оваа динамика екипите на Претпријатието ќе работат и во текот на претстојниот празничен викенд!

ЈП Комунална хигиена-Скопје ги информира граѓаните дека и отпадот од индивидуалните домаќинства ќе продолжи да го собира со стандардната динамика - два пати во неделата. Во овој период, апелираме граѓаните да се воздржат од одлагање кабаст, градежен и градинарски отпад во садовите, како и во нивната околина.

Во текот на денешниот ден,  ЈП Комунална хигиена-Скопје во целост ќе ги расчисти и претоварните станици во Вардариште и во Карпош, каде што во текот на изминатата недела беше привремено одлаган комуналниот отпад што поради временскиот лимит Претпријатието не беше во можност веднаш да го транспортира на депонијата Дрисла.

 

           

14.04.2020, 11:14 | 1049 прегледи