02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     Историјат     За куќен смет 150 динари, за добиточен, такса од 5 до 15 динари месечно

За куќен смет 150 динари, за добиточен, такса од 5 до 15 динари месечно

Посебни правила постоеле и за изнесување на ѓубрето од градот. Власта пропишувала посебни такси од кои била финансирана „Чистачката колона“.

Посебни правила постоеле и за изнесување на ѓубрето од градот. Власта пропишувала посебни такси од кои била финансирана „Чистачката колона“. Цените за таксите биле одредувани според просторот од каде што било собирано ѓубрето. Така, за изнесување ѓубре од куќи во кои имало салон, спални соби, кабинети, трпезарија и кујна, скопјани месечно плаќале по 150 динари. За чистење на сметот од штали, коњушници, говедарници, козарници се плаќало по грло. За две грла 5 динари, од две до четири - 10 динари и од четири до шест грла по 15 динари. Изнесувањето на шталското ѓубре било обврска на сопственикот. Чистењето на дуќаните чинело 180 динари, за хотелите и кафеаните по 150 динари, а за чистење на ановите, за колите, за добиток, бањи и мелници скопјани морале да издвојат по 200 динари.

Подоцна, со поделбата на етничка Македонија, Скопје во 1919 година влегува во рамките на новоформираната држава на Србите, Хрватите и Словенците – СХС. Со формирањето на новата окупаторска власт почнува вистинскиот организиран работен дел на „Чистачката колона“. Таа станува составен дел на санитетското одделение при општината на Град Скопје, подоцна именувана како Градско поглаварство на Скопје. Освен што била задолжена за изнесување на ѓубрето од градот, „Чистачката колона“ се грижела и за превоз на општински градежен материјал и за насипување на патиштата на периферијата на Скопје.

Во периодот од 1923 до 1926 година „Чистачката колона“ не ги задоволувала потребите на градот, бидејќи располагала со малку добиток и коли. Затоа, во 1929 година Судот издал наредба, според која, сите граѓани за изнесување на ѓубрето требало да набават лимени канти со капак.

На улиците каде што се одвивал сообраќајот се фрлало ѓубре, помии, се сечеле дрва на тротоарите и се изнесувале буриња и сандаци. Како заштитна мерка се издавале наредби, за чие непочитување се наплаќале одредени парични казни.

Во средината на дваесеттите години е донесено и првото „Упатство за одржување на хигиената во градот“. Бројот на колите, што ги влечеле најпрвин волови, а подоцна коњи, нараснува до четириесет, се купуваат првите авто- прскалки за полевање на скопските улици и првите камиони за собирање и транспорт на градското ѓубре. Ова е исто така време кога во Скопје нема развиена канализациска мрежа така што секоја куќа имала сопствена септичка јама. Градот забрзано се развива во модерен и голем центар. Бројот на хотелите и рестораните достигнува бројка од осумдесетина, па поради тоа се градат специјални помијарници, а за изнесувањето на нечистата вода се купуваат автомобилски цистерни кои ги замениле постојните коли со буриња, дотогаш користени за оваа намена.

14.07.2010, 13:48 | 497 прегледи