За остварување на визијата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје (КХС), “Чисто Скопје и задоволни граѓани“ неопходен предуслов беше воведувањето на ИСО стандардите.
Со тој чекор се остваруваат главните предуслови за постигнување на континуиран квалитет во давањето на услуга на жителите на Скопје.
За таа цел КХС се вклучи во светскиот Систем за стандардизација ИСО 9001:2000.
Паралелно со воведувањето на ИСО 9001:2000 интензивно се воведува информатичката технологија во сите сегменти од работењето. КХС е прво претпријатие во Република Македонија од комуналната сфера, кое сериозно навлезе во овој процес, не само од престиж и имиџ туку и поради следење на глобалните трендови и полесен и единствен пристап кон ИПА фондовите на Европската Унија.

Покрај тоа, неизбежните форми на јавно-приватните партнерства наметнуваат воведување на стандардизација како во моменти на појава на потенцијален инвеститор во нашата дејност би можеле да се декларираме со своја техничка документација, пропишана во стандардите за квалитет на комуналните услуги.
Пропишаните стандарди во КХС ја елиминираат субјективноста во оценката за квалитетна услуга во континуитет. Со воведените стандарди граѓаните, како корисници на нашите услуги, ќе можат на транспарентен начин, врз основа на однапред дефинираните стандарди, да го контролираат нашето работење.
БОРБАТА ЗА КВАЛИТЕТ-СТРАТЕШКА ОДЛУКА НА МЕНАЏМЕНТОТ
Претпријатијата кои сакаат да ги подобрат методите во сите сегменти на раководење и управување на квалитетот, се определуваат за воведување на ИСО стандардите заради стекнување на конкурентност и работна способност во глобалното опкружување на светскиот пазар на стоки и услуги. Денес, поседувањето на ИСО сертификатот е предуслов за каков било настап на овој пазар.
Затоа, ваквата одлука има стратешки карактер за секое јавно претпријатие, фирма или орган на управата. Со овој систем се дефинираат обврските и одговорностите на менаџментот на претпријатието и на сите вработени, во делот на:
- управувањето со документите,
- насоченоста кон корисникот на услугите на претпријатието,
- дефинирањетро на политиката на квалитетот и планирањето,
- екстерното и интерното комуницирање,
- постојаното преиспитување на соодветноста, адекватноста и ефикасноста на системот на управување со квалитетот,
- спроведувањето на неопходните превентивни и корективни мерки,
- управувањето со ресурсите,
- проектирањето и развојот,
- набавките и, конечно,
- реализацијата на услугата.
По наведените процеси следат:
- постојано мерење,
- анализирање и
- подобрување на услугата врз основа на контактот со корисниците.
СЕРТИФИКАТОТ ИСО 9001 – САМО ПРВ ЧЕКОР КОН ВИСОК КВАЛИТЕТ
Основата на овој систем е заснована на дефинирањето на процедури и упатства со кои прецизно се наведени сите активности. Како и секое претпријатие, така и „Комунална хигиена“- Скопје е динамичен систем кој мора постојано да се преиспитува и да ги прилагодува своите активности на потребите на рационалното функционирање на пазарот, при што еден од основите начини на преиспитувањето се интерните контроли. Овие контроли на комплетниот систем за управување со квалитетот на претпријатието се стандардизирани и задолжителни пред фирмата да се квалификува за стекнување на сертификатот, но и пред подоцнежна постојана активност која произлегува од обврската за постојаното подобрување на квалитетот на системот.
Вработените во „Комунална хигиена“- Скопје кои низ системот на обука за ИСО Стандардите се стекнаа со титулата “интерни проверувачи“, се единствените овластени лица за спроведување на овие важни проверки, кои водат кон постојано подобрување на системот за управување со квалитетот во претпријатието.
Интерните контроли наскоро ќе се спроведуваат во работните единици на КХС, а како краен резултат на проверките ќе биде стекнувањето со сертификатот ИСО 9001.
Следниот чекор, по исполнувањето на барањата на ИСО Стандардите 9001:2000, ќе биде работа на исполнување на Стандардот ИСО 14001, кој се однесува на поблиската дејност на КХС – заштитата на човековата околина. Прв предуслов за исполнување на овие барања е стекнување на веќе спомнатиот сертификат –ИСО 9001.




