Monday
Sep 06th

Кодекс на однесување на вработените

Е-пошта Печати PDF

Врз основа на член 24 став 1 алинеа 1  од Статутот на Јавно претпријатие Комунална хигиена – Скопје, Управниот одбор на Јавно претпријатие Комунална хигиена – Скопје  на својата седницата одржана на ден 21.09.2007 година, донесе

 

К  О  Д  Е  К  С

НА ОДНЕСУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА – СКОПЈЕ

 

1.             ОПШТИ ОДРЕДБИ

Кодексот на однесување на вработените на ЈП Комунална хигиена - Скопје (во натамошен текст: Кодекс) ги дефинира основните начела по кои се раководат вработените во ЈП Комунална хигиена - Скопје. Кодексот ги утврдува правилата на однесување кон кои треба да се придржуваат вработените во извршувањето на работните задачи.

Начелата содржани во овој Кодекс за основа ги имаат следните морални правила на однесување:

-         чесност и непристрасност при извршувањето на работните задачи;

-         љубезност и професионалност во односите со странките и деловните соработници;

-         навремено, брзо и квалитетно извршување на работните задачи.

I.      ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

2.    НАЧЕЛО НА ЕДНАКВОСТ

(1) При извршувањето на функциите и работните задачи не постои дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско убедување и општествена положба.

3.    НАЧЕЛО НА ИНТЕГРИТЕТ

(1) Вработените мора да ги извршуваат совесно и чесно задачите од својот делокруг на работа, притоа избегнувајќи ги активностите кои можат да го дискредитираат ЈП Комунална хигиена - Скопје или да предизвикуваат судири на интереси.

4.    НАЧЕЛО НА ОБЈЕКТИВНОСТ

(1) Вработените не смеат да бидат раководени од предрасуди и пристрасности, неусогласени интереси, како и други влијанија кои ја доведуваат во прашање објективноста во работењето.

5.    НАЧЕЛО НА ПРОФЕСИОНАЛНА КОМПЛЕТНОСТ

(1) Вработените се должни да ги извршуваат задачите стручно. Сите знаења здобиени редовно или со дополнителни усовршувања, вработените се должни да ги применат во извршувањето на своите задачи, со што ќе придонесат во зацврстувањето и унапредувањето на функциите на ЈП Комунална хигиена - Скопје.

(2) Вработените треба да покажуваат интерес и самоиницијативно да го зголемуваат своето стручно знаење преку следење и проучување на прописи, научна и стручна литература, учество со свои трудови и мислења во стручни списанија, семинари и трибини.

6.    НАЧЕЛО НА ЕФИКАСНОСТ

(1)Вработените се должни да ја организираат работата на начин кој во одреден рок ќе претставува основа за донесување на брзи, правилни и стручни одлуки.

7.    НАЧЕЛО НА ЕФЕКТИВНОСТ

(1) Вработените се должни да ги извршуваат работните задачи, со основна премиса конкретизација и непосредно чувствување на ефектот од извршената работа, од страна на крајниот потрошувач.

8.    НАЧЕЛО НА ПРОДУКТИВНОСТ

(1) Вработените се должни при извршувањето на работните задачи да ангажираат оптимален обем на физички и интелектуален труд, за постигнување највисок можен учинок по единица на производ, односно по единица на извршена услуга.

9.    НАЧЕЛО НА ПРОФЕСИОНАЛНО ОДНЕСУВАЊЕ

(1) Вработените мора да дејствуваат на начин конзистентен со професијата и работното место.

10.  НАЧЕЛО НА КОЛЕГИЈАЛНОСТ

(1) Легитимните права и интереси на соработникот се штитат како сопствените.

(2) Не е дозволено да се оценува личното однесување на вработените и/или нивниот приватен живот без нивно присуство или согласност.

11.  НАЧЕЛО НА ДЕЛЕГАЦИЈА И АВОКАЦИЈА

(1) На вработениот во ЈП Комунална хигиена - Скопје, може да му бидат делегирани работи за извршување, од непосредно повисок авторитет во хиерархијата на работни места, согласно закон и друг интерен акт.

(2) Делегираните задачи вработениот има обврска да ги изврши, исто како да се дел од неговиот опис и попис на работни задачи, применувајќи ги принципите на ефикасност, ефективност и продуктивност во работењето.

(3) Заради подобрување на работењето и заради поефикасна заштита на интересите на Претпријатието, вработениот има право и обврска да предложува(авоцира)идеи, мерки и активности, до непосредно повисокиот авторитет од него во хиерархијата на работни места, односно до оние работни позиции кои ја имаат моќта за донесување на одлуки и реализација на истите.

(4) Процесот и механзмите на авокација се пропишуват со наредби на  директорот, или со друг интерен акт на претпријатието.

12.  НАЧЕЛО НА ПОЧИТУВАЊЕ НА СОРАБОТНИЦИТЕ

(1) Вработените се должни во контактите со колегите и претпоставените да бидат љубезни и да се однесуваат со почит.

(2) Вработените се должни да се однесуваат со странките и деловните партнери, професионално, чесно и непристрасно.

(3) Информации и толкувања за странките и деловните партнери може да се дадат во согласност со важечките прописи и актите на ЈП Комунална хигиена - Скопје.

13.  НАЧЕЛО НА ДОВЕРЛИВОСТ НА ИНФОРМАЦИИ

(1) Доверливи информации се оние информации што како такви се определени со закон, интерен акт на ЈП Комунална хигиена - Скопје, или се означени со ознаката “доверливо”.

(2) Доверливите информации се користат исклучиво во согласност со важечките прописи.

(3) Не е дозволено да се обелоденат доверливите информации и да се користат во своја или туѓа корист.

14.  НАЧЕЛО НА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ

(1) Вработените се должни да избегнуваат конфликт на лични интереси со интересите на ЈП Комунална хигиена - Скопје.

(2) Вработените кои што во даден момент се соочуваат со конфликт на интереси, се должни веднаш да го информираат претпоставениот раководител.

(3) Вработените не смеат да учествуваат во активности, каде што за себе или за трето лице, спротивно на интересите на ЈП Комунална хигиена - Скопје, очекуваат директна и индиректна материјална корист.

15.  НАЧЕЛО ЗА ЗАБРАНА НА ПРИМАЊЕ ПОДАРОЦИ ИЛИ ЧЕСТЕЊЕ

(1) Вработените не смеат непосредно или посредно да бараат подароци, корист, предности, услуги, честење или друго, од лицето кое е или кое сака да стане деловен партнер, користи услуги или е подредено на одредени функции од ЈП Комунална хигиена - Скопје во врска со извршувањето на неговите работни задачи.

(2) Подарок на брачниот другар, неговите деца или друг се смета за подарок даден на вработениот, доколку е во врска со извршувањето на неговата работна задача.

(3) Купените подвижни предмети и недвижностите претставуваат подарок доколку нивната цена значително е пониска од пазарната цена.

(4) Вработените мора да го одбијат понудениот подарок. Примениот подарок треба да се врати или подари за добротворни цели, а давателот да се опомене за ова начело.

(5) Вработените смеат да го задржат подарокот ако:

-         има симболична вредност,

-         е дадено исклучиво од лични причини, за некој личен повод.

16.  НАЧЕЛО ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА НАДВОРЕШНИТЕ АКТИВНОСТИ

(1) Надворешните активности на вработените не смеат да му наштетат на угледот на ЈП Комунална хигиена - Скопје и на извршувањето на неговата функција.

17.  НАЧЕЛО ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ КАЈ ИНФОРМИРАЊЕТО, ЈАВЕН НАСТАП И ПУБЛИЦИТЕТ

(1) Вработените не треба да земат какв било надоместок за настап во средствата за јавно информирање во врска со нивната работа во ЈП Комунална хигиена - Скопје.

(2) Кога вработениот како поединец јавно ја коментира работата на ЈП Комунална хигиена - Скопје или настапува во негово име, а во функција на негово јавно претставување, неговите ставови треба да бидат во согласност со официјалните ставови на Претпријатието.

(3) Директорот ја известува јавноста за заклучоците од одржаните седници.

(4) Податоци и известувања за работењето на ЈП Комунална хигиена - Скопје дава директорот или друго лице кое ќе биде овластено од него.

18.  НАЧЕЛО НА НЕЗАВИСНОСТ

(1) Вработените не смеат да го искажуваат својот политички став во јавни дискусии каде што се претставува ЈП Комунална хигиена - Скопје, спротивно на деловната политика и неговиот став за одредени економски прашања и состојби.

(2) Политички ставови на вработените кои се членови на политичка партија, не смеат да се одразат врз работењето на Претпријатието.

(3) Вработените можат да членуваат во организации кои не ја загрозуваат независноста на ЈП Комунална хигиена - Скопје.

19.  НАЧЕЛО НА УРЕДНОСТ

(1)Вработените во администрацијата на ЈП Комунална хигиена - Скопје се должни да се облекуваат строго канцелариски, пристојно и уредно во согласност со работното место на вработениот.

(2)Вработените во ЈП Комунална хигиена - Скопје, кои своите работни задачи ги извршуваат непосредно на терен, треба да се облекуваат во облека во согласност со актите на претпријатието и наредбите на директорот, во облека која ќе гарантира комоција при извршувањето на работните задачи, со особено внимание на елементот на уредност.

20.  НАЧЕЛО НА BONA FIDE ОДНЕСУВАЊЕ

(1)Вработените во ЈП Комунална хигиена - Скопје се должни да ги заштитуваат и промовираат интересите на Претпријатието, во секое време, на секое место, на начин на кој би ги заштитувале и промовирале интересите на сопствениот дом.

21.  НАЧЕЛО НА ПРИДРЖУВАЊЕ КОН КУЌНИОТ РЕД

(1) Куќниот ред на ЈП Комунална хигиена - Скопје е уреден со Наредби од директорот.

III.  ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

(1) Кодексот го донесува Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена - Скопје.

(2) Раководителите на работните единици  во ЈП Комунална хигиена - Скопје се должни да се грижат за спроведување на начелата на овој Кодекс и да предлагаат соодветни мерки за негово непочитување.

(3) За непочитување на начелата на Кодексот, соодветни мерки превзема директорот, а вработените поднесуваат морална и материјална одговорност.

(4) Овој Кодекс влегува во сила со денот на објавувањето на огласните табли на Претпријатието, по претходно добиената согласност од Советот на Град Скопје.

 

ФОТОГРАФИИ

kamion3.jpg