КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-ОД ПОЧЕТОЦИТЕ ДО ДЕНЕС
Почетокот на ХХ век Скопје и неговите жители го пречекуваат со бројни цивилизациски придобивки. Елементите на модерен град се поставуваат со изработката на првиот урбанистички план, со изградба на водоводна мрежа, со оформување и уредување на Градскиот парк. Се инвестира и во извори на енергија, се поставува електрично осветлување и што е најважно од се, се удираат темелите на организирано чистење на улиците, собирање на ѓубрето и негово изнесување.
Во тоа време Скопје забрзано се шири. Се зголемува бројот на жители и маала, (регистрирани вкупно 76), се случува првото поплочување на улиците и нивно проширување, се прават зафати за почетна регулација на реката Вардар како превентива од поплави, а се купуваат и првите авто-прскалки за миење на улиците. Се напушта изнесувањето на ѓубрето со запрежни коли и се купуваат камиони за оваа намена.
Со овие промени, Скопје добива место меѓу, дотогаш, ретките балкански градови кои на комуналната хигиена и на подигнувањето на свеста кај граѓаните за очувување и унапредување на градската чистота им посветувале соодветно внимание.

ОД „БЕЛЕГЗИЈА“ И „ЧИСТАЧКА КОЛОНА“ ДО „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“
За одржување на чистотата и хигиената во градот се грижела специјална екипа именувана како „Чистачка колона“. Хронолошки прецизно, во 1906 година се формира првата група за комунална хигиена во Скопје. Оделението – „Четата чистачи“ или „Чистачка колона“, се водело како дел од тогашната скопска општина и броело пет до шест вработени. Нивна задача било метење на улиците, на просторот околу ановите и пазарите, но и да учествуваат во гасењето пожари во градот. Должност им било сами да си обезбедат метли кои најчесто ги правеле од врбите крај реката Вардар. Овие ентузијасти сами изработувале и дрвени колички во кои го собирале и изнесувале ѓубрето.
Во 1911 година чистачката група се зголемила на петнаесет
вработени, во договорен работен однос, и тогаш го добива името „Белегзија“ како метафора за украс, но и како желба градот секогаш да биде чист и уреден. Строгите општински мерки и казни ги дисциплинирале скопјани. Така, редовно се исполнувале воспоставениот ред и обврски на граѓанството: чистење на просторот пред куќата (најпрво со попрскување со вода, потоа со метење), собирање на ѓубрето на средината на улицата, за потоа да дојдат чистачите и да го соберат и депонираат во околните дупки или да го употребат како природно ѓубриво. Интересно е тоа што вработени во „Белегзија“, чиј број постојано варирал, за време на двете Балкански и Првата светска војна, покрај редовната работа ја имале и улогата на гробари, односно ги закопувале погинатите војници и граѓани.
Јавната хигиена најмногу се огледувала во чистотата на улиците. Со развојот на Скопје по Првата светска војна и хигиенските навики биле во постојан подем. Работите биле совршено распределни и поставени. Па така, за хигиената на градот и улиците била надлежна општината, а за хигиената на дворовите и куќите се грижеле самите сопственици. Поради големиот број семејства кои живееле во една куќа и поради сложеноста на нивните семејни врски, власта честопати се мешала во овие односи и пропишувала услови за одржување на домашната хигиена и изнесување на нечистотијата од дворовите. Посебни правила и обврски постоеле за изнесување на нечистотијата од клозетите.
Најголеми проблеми во одржувањето на градската хигиена Општината имала поради недостиг на добиточна и моторна работна сила и материјали за работа. Токму поради тоа што чистењето се извршувало со минимални пари, уличното полевање и чистењето на правта од улиците било ограничено.
ЗА КУЌЕН СМЕТ 150 ДИНАРИ, ЗА ДОБИТОЧЕН, ТАКСА ОД 5 ДО 15 ДИНАРИ МЕСЕЧНО
Посебни правила постоеле и за изнесување на ѓубрето од градот. Власта пропишувала посебни такси од кои била финансирана „Чистачката колона“. Цените за таксите биле одредувани според просторот од каде што било собирано ѓубрето. Така, за изнесување ѓубре од куќи во кои имало салон, спални соби, кабинети, трпезарија и кујна, скопјани месечно плаќале по 150 динари. За чистење на сметот од штали, коњушници, говедарници, козарници се плаќало по грло. За две грла 5 динари, од две до четири - 10 динари и од четири до шест грла по 15 динари. Изнесувањето на шталското ѓубре било обврска на сопственикот. Чистењето на дуќаните чинело 180 динари, за хотелите и кафеаните по 150 динари, а за чистење на ановите, за колите, за добиток, бањи и мелници скопјани морале да издвојат по 200 динари.
Подоцна, со поделбата на етничка Македонија, Скопје во 1919 година влегува во рамките на новоформираната држава на Србите, Хрватите и Словенците – СХС. Со формирањето на новата окупаторска власт почнува вистинскиот организиран работен дел на „Чистачката колона“. Таа станува составен дел на санитетското одделение при општината на Град Скопје, подоцна именувана како Градско поглаварство на Скопје. Освен што била задолжена за изнесување на ѓубрето од градот, „Чистачката колона“ се грижела и за превоз на општински градежен материјал и за насипување на патиштата на периферијата на Скопје.

Во периодот од 1923 до 1926 година „Чистачката колона“ не ги задоволувала потребите на градот, бидејќи располагала со малку добиток и коли. Затоа, во 1929 година Судот издал наредба, според која, сите граѓани за изнесување на ѓубрето требало да набават лимени канти со капак.
На улиците каде што се одвивал сообраќајот се фрлало ѓубре, помии, се сечеле дрва на тротоарите и се изнесувале буриња и сандаци. Како заштитна мерка се издавале наредби, за чие непочитување се наплаќале одредени парични казни.
Во средината на дваесеттите години е донесено и првото „Упатство за одржување на хигиената во градот“. Бројот на колите, што ги влечеле најпрвин волови, а подоцна коњи, нараснува до четириесет, се купуваат првите авто- прскалки за полевање на скопските улици и првите камиони за собирање и транспорт на градското ѓубре. Ова е исто така време кога во Скопје нема развиена канализациска мрежа така што секоја куќа имала сопствена септичка јама. Градот забрзано се развива во модерен и голем центар. Бројот на хотелите и рестораните достигнува бројка од осумдесетина, па поради тоа се градат специјални помијарници, а за изнесувањето на нечистата вода се купуваат автомобилски цистерни кои ги замениле постојните коли со буриња, дотогаш користени за оваа намена.
РЕД СО „ПРАВИЛНИК“, „УПАТСТВО ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ХИГИЕНАТА“ И ОБЈАВУВАЊЕ НА ИМИЊАТА НА НЕПОСЛУШНИТЕ ВО ВЕСНИК
Меѓу двете светски војни варирал бројот на вработените во чистачката клона. Достигнувал до четириесетина чистачи и исто толку колари, но затоа пак поради нараснатите потреби бројот на колите и запрегата потојано се зголемувале. За воспоставување ред најпрвин е изготвено упатството за собирање и изнесување на ѓубрето од куќите, улиците, хотелите, рестораните, а подоцна, во средината на триесеттите години е донесен и првиот правилник со кој се регулирало прашањето на градската – комунала хигиена во Скопје. Овој правилник бил прв документ од таков тип во еден град што и припаѓал на тогашната Вардарска бановина. Директно ги пропишувал правилата на однесувњето на граѓаните кон хигиената во градот: од метење на сопствените домови и дворови, до собирање, изнесување и транспорт на ѓубрето до депониите, набавка на специјални канти и сандаци за чување на ѓубрето што особено се однесувало на хотелите, рестораните и установите, до изнаоѓање и одбележување на депониите по утврдени критериуми. Со овие мерки градот Скопје е поделен на реони и одделенија, а пропишани се и санкции за оние граѓани кои не се пидржувале кон строгите правила и тоа во вид на парични, па дури и затворски казни. Интересно е што имињата на загадувачите на градот редовно јавно се објавувале во органот на општината, весникот “Скопски гласник“.

Во периодот меѓу двете Светски војни уште две мерки се вредни за одбележување. И тоа, за подобрување на хигиената во градот дејноста во неколку прилики е давана под концесија, а собраното ѓубре се продавало на лицитација и се користело за наѓубрување на општинскиот имот.
За време на Втората светска војна и бугарската окупација на Скопје, вработените во претпријатието ја продолжиле својата работа, но дел од нив се вклучиле и во давањето помош на НОВ. Во „Одделението за комунални дејности“ била формирана партиска ќелија преку која скопската партиска организација добивала податоци за движењето на непријателот и окупаторот. Треба да се напомене и дека вработените ја продолжиле својата револуционерна дејност пројавена уште во 1929 година, кога организирале штрајк против раководителот на чистачката колона, затоа што ги навредувал нивните чувства на национална и верска основа, а вршел и притисок за нивна асимилација и денационализација. За ова во тоа време пишувал и весникот “Социјалистичка зора“ застанувајќи во одбрана на барањата на чистачите.
„КОМУНАЛНА“ ВО 1944 ГОДИНА СО 243 РАБОТНИЦИ
Уште на првата седница на Народноослободителниот одбор на град Скопје, одржана во ноември 1944 година било посветено внимание на хигиената на градот, па затоа веднаш била активирана севкупната комунална дејност, од уредување до чистење на улиците и разурнатите куќи. Така, во Одделението за комунална хигиена на Град Скопје во 1944 година веќе работеле 243 работници со 43 запрежни коли, две прскалки со запрега и еден камион од три тони за изнесување на фекалии. Во следните години бројот на моторните возила се зголемил на 30 како резултат на подарени камиони од страна на армијата. Биле тоа главно возила за изнесување на смет од градот.
По ослободувањето, во составот на веќе постоечкото одделение, се формираат и коларокотачка, сарачка и механичарска работилница, за изработка и поправка на колите. Во овој период, отсекот за комунална хигиена располагал со 80 запрежни коли и 120 коњи, шест цистерни за изнесување на фекалии и две цистерни за прскање на улиците.
Поради забрзаната изградба на разурнатиот град, бројот на вработените во 1964 година се зголемил на 413, а во 1971 година на 503 вработени.
Важно е да се напомене и дека во 1965 година почнува забрзано модернизирање на возниот парк, при што се купени пет специјални возила со кука и осум авто-цистерни под вакуум за миење на јавно-прометните површини. Во 1971 година бројот на возилата е зголемен за уште пет возила со кука, осум специјални возила за транспорт на ѓубрето од типот Шкода, седум авто-цистерни и една правосмукалка за чистење на уличните површини. Во периодот од 1950 до 1968 година, во тогаш веќе комуналното претпријатие „Градска чистота“, соодветно и нужно внимание му се посветувало и на подобрувањето на животниот стандард на вработените. Па така, се градат 20 еднособни станови за работниците, се формира амбуланта и менза за опшествена исхрана, се гради одморалиште во Претор и одморалиште во Улцињ во Црна Гора, во кои престојувале и се одморале вработените и нивните семејства.
ЗДРУЖУВАЊЕТО ВО „КОМУНАЛЕЦ“ БЕЗ ОЧЕКУВАНИТЕ РЕЗУЛТАТИ
Забележано е дека во 1958 година Одделението за комунална хигиена поминува во установа со самостојано финансирање и со него управува управен одбор. Во 1968 година е покрената иницијатива за интегрирање, здружување на постојните комунални претпријатија за водовод и канализација, за одржување на улици и патишта, за градско зеленило и чистота во една окрупнета организација. Со овој чекор, преку здружување на механизацијата и вработените во едно претпријатие, „Комуналец“, се планирало надминување на дотогашните проблеми и пропусти како собирањето на средства за извршените услуги. За жал ни од далеку не биле постигнати очекуваните резултати. Напротив, се отворале нови проблеми и се забавувал развојот на комуналната дејност. Така, веќе во 1992 година е реализирана иницијативата за повторно раздружување на претпријатијата од комуналната дејност.
Од оваа година за „Комунална хигиена“ настапува нов период на развој. Бројот на вработени се зголемува, бројот на возила за собирање и изнесување на ѓубрето исто така. Се бележи пораст на сите нивоа и се организираат бројни активности и акции за подигнување на нивото на хигиената.

ЈП „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ – СКОПЈЕ – МОДЕРНО И ЕФИКАСНО ПРЕТПРИЈАТИЕ
Денес, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје (КХС) има 988 вработени, распоредени во организациски единици на претпријатието - сектори.
Во тек е процесот на оформување на новата систематизација која треба да донесе измени во начинот на организациската поставеност, а се со цел зголемување на ефикасноста во фунционирањето во сите сегменти, како и за примена на нови технологии и процеси во работата.
Собирањето на комуналниот отпад КХС го врши со подигање на поставените садови за таа намена со различна запремина. И тоа, од 1,1 м3, од 5 и 7 м3, како и од пластични канти од 120 литри кај индивидуалните домаќинства. Се прави претовар на сметот во специјални возила и негов транспорт до претоварните станици односно до депонијата Дрисла. Поставени се вкупно 5.212 контејнери од 1,1 м3, четириесетина поголеми контејнери и 22.702 канти од 120 литри.
Согласно годишната програма и оперативниот план за работа на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, празнењето на контејнерите се врши седум пати во неделата, во три смени, додека кантите до 120 литри се празнат три пати неделно. Сметот, кој се собира од страна на КХС е неселектиран. Поради тоа е започната секундарна селекција на отпадот во депонијата Дрисла, а исто така и пилот- проект со примарна селекција во Општина Карпош. Во тек е проширување на примарната селекција на отпадот на територијата на целиот град.

„Комунална хигиена“ располага со машински парк од речиси стотина возни единици за најразлични намени, но истовремено, со оглед на обемноста на работата, тој број се покажува како недоволен. Старосната структура на возилата, чиј просек е преку 15 години, и хроничниот недостаток, спаѓаат во посериозните ризици за извршување на оперативната програма. Поради тоа, само со вложување на дополнителни напори, вработените во КХС успеваат секојдневно во градот да соберат и транспортираат речиси 500 тони смет.
Одржувањето на јавната чистота подразбира чистење, метење и машинско и рачно миење со шмркови на јавните сообраќајни површини, миење со цистерни на јавните сообраќајници, празнење и чистење на корпите за отпадоци поставени на јавните површини и отстранување на мртви животни од јавните површини. Во периодот април-ноември трае летниот режим на работа, во кој постои засилена динамика во овој сектор, додека останатите четири месеци, додека трае зимскиот период, активностите се одвиваат согласно зимската динамика на работење.
Во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ спаѓа и санитарната депонија Дрисла која е единствена легална депонија во Република Македонија. Во функција е од 1994 година, со век на експлоатација до 2040 година. Во 2005 година на депонијата Дрисла се депонирани вкупно 158.215 тони отпад, а постои тенденција количеството на депониран смет од година во година да се зголемува. Во рамките на депонијата функционира инсенератор, каде што се уништува медицинскиот отпад, а во тек се бројни проекти во правец на модернизирање и очувување на депонијата како што е санирање на извориштето, решавање на исцедителните води и проект за отплинување.

Во изминатите две години, во рамките на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје е формирана нова служба, Еко-патрола, која дополнителено придонесува кон зачувување на градската хигиена. Постоењето на Еко патролата дава видливи, секојдневни, резултати не само на терен, туку и во правец на менување на свеста на граѓаните за одржување на чистотата.
Една од поновите служби, кои се формирани во рамките на КХС е и „Службата за хуман третман на бездомните животни“. Опремена како и многу други слични служби во останатите светски градови и работејќи според утврдена програма, за која највисоки оценки даде и „Британскиото Кралско здружение за заштита на животните“, службата згрижува бездомни животни во стационар направен на територијата на старата депонија Вардариште.
Покрај задолжителниот медицински третман и нега, пред нивното враќање во природната средина, животните можат да бидат пронајдени од нивните сопственици (во случај да се изгубени или заталкани) или посвоени од заинтересирани граѓани.
Применувајќи најсовремени менаџерски техники и алатки, раководниот тим воведува ИСО стандарди во работењето, што претставува директна придобивка за сите вработени во претпријатието, како и придобивка за сите граѓани на градот кон остварувањето на мисијата „Чисто Скопје, задоволни граѓани“.

