
На 25 јули 2010 година, беа пуштени во употреба новите капацитети на стационарот „Вардариште“, којшто е проширен за 48 нови боксови каде што ќе бидат сместувани кучињата - скитници, што според ЦНР - програмата на Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA) – „залови, стерилизирај, пушти“ - веќе трета година по ред се третираат од страна на Службата за хуман третман и контрола на кучињата - скитници при ЈП „Комунална хигиена“.
Новите капацитети за сместување на кучињата-скитници се изградени по европски стандарди, при што дел од нив се сместени во три двојни ламели, а две во единечни, со по шест кафези. Секој бокс е составен од дневен и простор за спиење, додека новиот објект е опремен со една канцеларија и магацински простор со санитарен јазол.
Отворени денови за граѓаните во стационарот „Вардариште“ се петок и сабота, од 9 до 13 часот, кога сите заинтересирани граѓани можат да одберат и да вдомат куче. Сите кучиња што се определени за вдомување се истретирани и вакцинирани, а вдомувањето е бесплатно.



