02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     Услуги     Третман на животни скитници

Третман на животни скитници

 Во соработка со градот Скопје, ЈП Комунална хигиена“ од 2007 година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните - ЦНР програма (catch, neuter, release – „залови, стерилизирај, врати“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Оваа Програма е поддржана од Светската здравствена организација. (WHO), а одобрена од Советот на Град Скопје.

Кучињата се заловуваат од страна на специјализирана, обучена и опремена Служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот „Вардариште“, што има капацитет за третман и сместување на околу сто животни во боксови изградени по европски стандарди.

Во Стационарот во две смени работи ветеринарната служба што ја проценува здравствената состојба на бездомните кучиња, а во последните две години, воведена е и постапка за испитување на евентуално присуство на болеста лајшманиоза, што се прави по пат на земање на крвен примерок и десетина дена се чека на резултатите. По добивањето на резултатите, здравите единки се подложуваат на третман на стерилизација, се прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити, се вакцинираат од беснило и се задржуваат околу десетина дена, а доколку за тоа време не бидат вдомени, овие единки се враќаат на изворната локација. Заболените кучиња што имаат видливи повреди при што трпат болка, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња се еутаназираат.

Во однос на спроведувањето на Програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, Стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветерина на РМ. ЈП Комунална хигиена“ и градот Скопје перманентно работат на подобрување на третманот на кучињата-скитници, како и на подобрување на условите во стационарот „Вардариште“, во секој поглед.

Од вторник до сабота, во терминот од 09 до 13 часот, сите заинтересирани граѓани можат да го посетат стационарот „Вардариште“ и да си одберат куче за вдомување. Притоа, кучињата од најразлични раси и големини што се определени за вдомување, на граѓаните им се отстапуваат истретирани и вакцинирани и без никаков паричен надоместок. Секој граѓанин што вдомува куче, мора да пополни формулар со своите податоци и да се обврзе дека ќе биде одговорен сопственик, почитувајќи ги постоечките закони.